Капитенот на хрватската репрезентација Лука Модриќ е подготвен да стави крај на кариерата по завршување на Светското првенство во 2026 година, објави денеска добро информираниот новинар Николо Шира. Според истиот извор, 40-годишниот Модриќ веќе постигнал договор со неговиот поранешен клуб Реал Мадрид да заземе позиција во клубот по завршувањето на кариерата. Модриќ изминатата сезона настапуваше за Милан, а договорот со калчолигашот му истекува на крајот на овој месец. Модриќ играше за Реал Мадрид од 2012 до 2025 година и со шпанскиот тим освои четири титули во Ла Лига и шест титули во Лигата на шампиони. Во 2018 година, Модриќ ја освои Златната топка. Хрватска ќе игра во групата Л на Светското првенство 2026 година со Англија (17 јуни), Панама (24 јуни) и Гана (28 јуни). МИА