По спроведената истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Загрозување лица под меѓународна заштита. Како што соопштија од ЈОРСМ, на обвинетиот му се става на товар дека на 15 јуни годинава, околу 12:05 часот, пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, со предизвикување пожар создал значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита. - Според дејствијата опишани во обвинението, обвинетиот претходно на бензинска пумпа во непосредна близина на Амбасадата наполнил пластично шише со бензин и се упатил кон објектот. Откако се доближил до паркираните возила што ги користеле военото аташе на Република Бугарија и други вработени во Амбасадата, ги полеал со бензинот и ги запалил, по што веднаш го напуштил местото на настанот, се наведува во соопштението. Заедно со Обвинителниот акт, јавниот обвинител до судот доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор, оценувајќи дека и натаму постојат причините поради кои мерката била определена и продолжувана. Според Обвинителство