Две физички и едно правно лице од Струмица заработија кривични пријави за даночно затајување, перење пари и лихварство. Како што соопшти директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, при претрес во дом и службени простории, полицијата пронашла и одзела околу 600 илјади евра во готовина , средства за кои осомничените немаат соодветна документација и легално покритие. Дополнителната финансиска истрага утврдила дека во 2018 година на сметка на физичко лице биле депонирани уште половина милион евра, за кои исто така не постои соодветно потекло. За директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, освен откривањето на ваквите кривични дела, главната цел останува целосно враќање на нелегално стекнатите пари назад во државниот буџет. Во акцијата, која е резултат на повеќемесечна координирана работа меѓу МВР, Управата за јавни приходи и Финансиската полиција, под раководство на ОЈО Струмица, констатиран е и неподмирен даночен долг од околу два милиони денари. Фото за вовед: YouTube видео: Embedded video for Кривични пријави за две лица и фирма од Струмица, се сомничат за затајување данок, перење пари и лихварство Категорија: Македонија Новинар: Зоран Ѓеоргиев